„Палечка Малечка“ на Буден Театар утре во Мала Станица

Куклената интерактивна претстава во движење „Палечка Малечка“ во продукција на Буден Театар, ќе има премиерна изведба на 23 декември (сабота), во просторите на Мала Станица од 17 и од 19 часот.

„Палечка Малечка“ е авторска претстава на Милиана Ленак, инспирирана од приказната на Х.К.Андерсен. Претставата претставува современо читање на познатата Андерсенова приказна каде Палечка не е жртва на околностите, туку таа ја превзема судбината во свои раце, самата иницирајќи потрага по принцот.

„Претставата создава посебни наративни линии за возрасната и за детската публика, кои се одвиваат симултано и комуницираaт на теми поврзани со екологијата, родителско-детските релации, и партнерството. Ова е претстава во која нема столчиња за публиката, затоа што децата се во постојано движење станувајќи сопатници на Палечка во нејзната необична потрага. Во текот на претставата тие создаваат кукли, садат цвеќе и толкуваат дел од ликовите кои Палечка ги сретнува патем“, велат од Буден Театар.

Претставата беше прв пат изведена во 2013 година, во рамките на фестивалот за детски театар Фенер, исто така продуциран од Буден Театар. Во 2015-та, режисерката ја постави претставата во Прага, Чешка.

Благодарение на поддршката на програмата „Нов Културен Бран” на Министерствто за култура на Република Македонија, велат од театарот, беше создадена оваа најнова верзија на претставата, базирана на истиот интерактивен концепт, но збогатена со свежи идеи и со нова актерска екипа.

Улогите ги толкуваат Долорес Поповиќ и Владимир Петровиќ во музичка придружба на Виктор Гајтаноски. Анимациите во претставата се дело на Бара Ана Стејскалова и Филип Митров, сценографијата е на Јан Тереба, а куклите на Милиана Ленак. Авторската музика ја создадоа Виктор Гајтаноски и Милиана Ленак.

Во текот на месец ноември беше реализирана турнеја на претставата низ Источна Македонија во рамките на која беа посетени Берово, Свети Николе, Струмица и селата Ерџелија, Русиново и Вељуса.

Билетите за изведбите во сабота, се во ограничен број од најмногу 40 посетители по изведба, и можат да се резервираат на budenteatar@gmail.com.