Отворено село во Единбург каде ќе живеат бездомни луѓе

Село со 11 куќи во кои ќе живеат бездомни лица е отворено во Единбург.

Проектот на хуманитарната организација „Соушл бајт“ се обидува да обезбеди стабилна заедница за 20 бездомни лица во следната година.

Тие се надеваат дека средината ќе им помогне на индивидуите да се подготват за постојан дом во иднина и според нив претставува повеќе остварлива алтернатива отколку хостели или засолништа.

Земјиштето е донација од властите во Единбург, на што му претходеа две години планирање и десет месеци изградба.

Од организацијата се надеваат дека со проектот ќе им помогнат на повеќе од 800 бездомни лица во следните 18 месеци.

Оние кои ќе живеат во куќите ќе бидат одбрани од партнерска организација која работи со луѓе кои привремено живеат во несигурно сместување и им треба помош за надминување на навиката за бездомништво.

Рајан, Мајкл и Хенри се првите жители на новото село.

„Во моментов сум бездомник и се обидувам да најдам начин како да го подобрам моето ментално здравје. Чувствувам дека моменталната состојба на изолација го спречува ова и дека тоа што ќе сум дел од заедница ќе биде од помош. Јас би сакал да живеам во заедница бидејќи чувствувам дека ќе биде смирувачки. Јас барам стабилност за да ми помогне да се движам напред. Уживам да работам на заедничи цели со другите“, вели Рајан.

Куќите се дизајнирани од архитектот Џонатан Авери. Во нив има две спални соби, заеднички тоалет, дневна соба и кујна.

Ќе има и посебна зграда каде жителите ќе може да јадат заедно, да се социјализираат и да работат, како и да примаат лична поддршка. Вработени од организацијата ќе бидат постојано присутни за да им помогнат на сите жители за време на нивниот престој.

Селото ќе остане на оваа територија во идните четири години, но може да биде релоцирано доколку земјиштето се пренамени за друга цел во иднина.