Отворен реновираниот Дневен центар за деца со аутизам во Топанско Поле

90 деца ќе можат да го посетуваат и да добиваат индивидуализирани услуги од специјални едукатори, логопеди и социјални работници во реновираниот Дневен центар за деца со аутизам во Топанско Поле, кој денеска беше отворен.

Центарот ќе функционира во две смени од 8:30 до 19 часот, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

ФОТО: МТСП

„Реновирањето е плод на заедничка соработка помеѓу  Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, Здружението на граѓани „Имаго Плус„ и ЈУ “Завод за рехабилитација на деца и младинци“ – Скопје. Во реновирање на центарот во кој се обезбедува психосоцијален третман и поддршка за децата со попреченост и советодавна работа со нивните родители, поддршка даде и приватниот сектор. КБ Прво пензиско друштво и Дигит Експрес ММ ДООЕЛ обезбедија дидактички материјали и играчки за децата кои ќе го посетуваат центарот“, информираат од МТСП.

Од Министерството додаваат дека соработката помеѓу граѓанскиот сектор и јавните установи во државата во обезбедување на услуги од социјалната заштита се зајакнува и дека во иднина ваквиот тип на соработка уште повеќе ќе се поттикнува во насока на овозможување на подобри услуги за граѓаните, како и промовирање на социјалните договори и плурализација на дејноста.