Отворен е прв Дневен центар во Скопје за лица со Даунов синдром

Отворен е првиот Дневен центар за лица со Даунов синдром, кој се наоѓа зад Соборниот Храм, на површина од 381 м2, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.

Целата адаптација и опремување на овој центарот се направени во соработка со родителските здруженија на децата со Даунов синдром, а за центарот се потрошени околу 100 000 евра.

Во него е поставена опрема за подобрување на физичката состојба на децата, односно справи за трчање, пинг- понг маса, топки за пилатес, опрема за развој на фина моторика и друга дидактичка опрема, но и соби за одмор и хидро масажa.

Дополнително, на долниот спрат е поставена кујна со сите содржини, бидејќи во иднина планирано е да се развие и социјално претпријатие, односно кетеринг сервис. На овој начин децата и младинците од Центарот со поддршка на стручни лица и родителите, ќе можат да бидат и работно ангажирани, појаснуваат од Министерството.

Од Министерството ги повикуват сите родители да се пријават во центрите за социјална работа на Град Скопје или во просториите на новиот Дневен центар каде ќе добијат информации за начинот на користење на услугите на Центарот и барањето што треба да се поднесе за користење на услугите во него.