„Отаде црнилото“ – Изложба на Велимир Жерновски

На 1 јуни во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена самостојна изложба со наслов „Отаде црнилото“ (Beyond the blackness) на македонскиот уметник Велимир Жерновски.

На изложбата ќе бидат претставени 3D испечатени скулптури изработени од биоразградлив и биоактивен термопластичен материјал, добиен од обновливи билошки извори.

„Изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето. Но, Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се така црни“ дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за други светови? Ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата Отаде црнилото, изложба што, освен од видео инсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината“, вели кураторката на изложбата Љиљана Неделковска.

На отворањето музички сет ќе има Соња Исмаил.

Велимир Жерновски работи цртежи, видеа, инсталации, интервенции во јавен простор и сценографии преку кои ги истражува поимите поврзани со популарната култура. Жерновски досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и САД.