Оперската дива Елина Гаранча вечерва ќе го отвори Охридско лето

Со концерт на познатата оперска дива Елина Гаранча од Латвија вечерва на Античкиот театар во Охрид ќе започне 56-то издание на фестивалот Охридско лето. Гаранча ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската опера и балет, a диригент ќе биде Ион Марин од Австрија.

Во рамки на програмата на новото фестивалско издание ќе бидат застапени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм“.

По свеченото отворање на фестивалот, следуваат низа музички настани како концертите на виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја и концертот на легендарниот џез музичар Артуро Сандовал.

Во рамки на програмата се и концертите на македонски ѕвезди како Ана и Игор Дурловски и Љубиша и Маја Кировски, а годинава за прв пат ќе биде организирана „Летна академија“ во Охрид каде млади музичари од Македонија ќе бидат дел од семинарите предводени од големите музички легенди.

Драмскиот дел од фестивалот ќе биде посветен на 400 годишнината од смртта на Вилијам Шекспир. Затворањето на 56-то издание на фестивалот лето ќе биде со концертниот проект „На светов убавина“ од Горан Трајковски.