Омаж на Бруно Ганц и реставрирани филмови на Кирил Ценевски дел од мартовската програма на Кинотека на Македонија

Кинотека на Македонија ја објави програмата за март, месец на европскиот филм, со омаж на актерот Бруно Ганц, кој неодамна почина, а ќе бидат прикажувани и реставрирани филмови од режисерот Кирил Ценевски. Од Кинотека најавуваат и организирање на Вечери на женски права со два документарци.

„Пред одредено време овој реален свет го напушти Бруно Ганц, легендарниот актер со швајцарска адреса. Ганц е веројатно најслав(е)ниот актер од германското говорно подрачје на денешнината, но и и целиот свет беше негов актерски дом. Беше и ангел (НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс) и Хитлер (ПАД на Оливер Хиршбигел), а во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе го видиме во македонската копродукција СВЕДОК на Митко Панов и во КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК на контроверзниот Ларс фон Трир. Месецот март е добар повод да ги разбудиме вашите сеќавања на еден бисер на македонската кинематографија. Се работи за режисерот Кирил Ценевски и неговиот опус од 4 играни долгометражни филмови, кои Кинотеката на Македонија дигитално ги реставрираше и ги издаде како комплет на ДВД. Секако, ќе имате прилика да ги видите ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ и на големото платно во киносалата“, велат од Кинотека.

„Од домашната продукција ја издвојуваме и премиерата на проектот на кинематограферот и професор Роберт Јанкуловски, МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм за Јанаки и Милтон Манаки, а ве покануваме и на отворањето на изложба на реставрирани фотографии од опусот на Браќата Манаки. Тука е и ТЕАТАРОТ СКУПИ, научно-образовен филм во режија на Владимир Блажевски: филмот не ги открива само тајните на амфитеатарот од римскиот период, туку тој нѐ воведува во археологијата како наука, а и во конзерваторството како занает. Не ја занемаруваме ниту стручната публицистика, па во март ќе го промовираме и изданието на Кинотеката на Македонија, МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД „ФРОСИНА“ ДО „ЛАЗАР“ на универзитетскиот професор Александар Трајковски“, додаваат од Кинотека.

Целосната програма можете да ја најдете на следниов ЛИНК.