Огнен Јанески: Mожеби е време за етички кодекс на инфлуенсерите во Македонија

„Оној што користи социјални мрежи, дали приватно или професионално, треба да знае на која публика се обраќа и за кого создава објави. Тогаш доаѓаме до потребните критериуми, одговорности за еден инфлуенсер. Кога зборуваме за инфлуенсерството, мора да зборуваме за оригинална содржина, но некогаш таа автентичност поради несоодветното, или лошото образование и недостатокот на воспитната дејност во образовниот систем – преминува кон ‘темната страна’. Односно, се доаѓа до толкаво упростување на содржина, што вашата автентичност се заснова на простотилак и вулгарност. Со тоа имаме проблем. Јас немам проблем со социјалните мрежи. Не го гледам онлајн и дигиталниот свет како нешто што од кое ‘мораме да се одбраниме’ или ‘да се заштитуваме’“. 

Новинарот и водител Огнен Јанески, кој е често активен на социјалните мрежи, зборуваше на панел-дискусијата „Постојано поврзани: Влијанието на дигиталниот свет врз децата и младите”, како дел од Деновите на медиумска писменост.

За Јанески нема сомнеж дека дигиталниот свет е тука, ќе остане и ќе се развива. Тоа, вели тој, мораме да го сфатиме сите, милениумците, другите генерации…

„Онлајн светот ќе го надминува физичкиот свет. Тоа треба да ни е јасно, особено со се’ порапидното развивање на вештачката интелигенција. Колку повеќе го одбиваме, толку повеќе ќе наликуваме на нашите баби и дедовци, кои ги одбивале формите на телевизијата, радиото и слично, како нешто што ‘многу лошо влијае на младите’ па ‘мора да се заштитиме’. Благодарение на онлајн просторот и одредени инфлуенсери, денеска имаме прифаќање на различностите“, посочува Јанески.

Истовремено, нагласува тој, „во секоја добро обработена градина и убаво искосена трева има и плевел кој треба да се третира“.

„Порано мислевме дека се случува само надвор од нашите граници, но денес сме сведоци на рекламирање од познати водител(к)и, пејач(к)и, па дури и луѓе кои немаат никаква друга професија освен инфлуенсерство, кое сериозно се гледа како засебна професија и е дури поплатено од нас (новинарите, водителите н.з.). Затоа треба одговорност, бидејќи, пример, постои рекламирање на лоши и штетни по здравје – диети. Рекламирање на сокови, чудни производи… отидовме дотаму што и индустриите за алкохол и тутунски производи си го најдоа своето место за рекламирање токму преку инфлуенсерите и социјалните мрежи. Затоа не смееме да го игнорираме овој простор“, потенцира Јанески, кој е и амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан.

Фото: Unsplash

Тој напоменува, долги години работи со медиуми и имал можност да го научи однесувањето, кодексот, моралноста, она што е правилно, што не е правилно. Притоа, да учи од луѓе кои му ги пренесувале таквите вредности.

„Истите принципи, истите начела треба да се применуваат и во инфлуенсерството. Затоа што, вие не може пренесувате диета, без да истражите дали постојат анализи за влијанието врз различни возрасни категории, дали таа диета има некакви негативни последици. Тоа мора да го сфатат инфлуенсерите, дека она што го прават во онлајн просторот директно влијае не само врз психолошкиот, туку и врз физичкиот развој и здравјето на луѓето“, дециден е Јанески.

Постојат и многу добри практики, вели тој, како во меѓународна сфера, каде Грета Тунберг е олицетворение на ставот на генерацијата Зет. Ваквата генерација е загрижена исклучително за животната средина и климатските промени, работи за кои, посочува Јанески, повозрасните генерации не можат да се пофалат.

„Имаме интерес, но не толкави знаења како нив. Веројатно треба да почнеме да се слушаме. Таа (Тунберг) е позитивен пример, но има и негативен – Ендру Тејт (поранешен боксер и инфлуенсер), кој доведе до пораст на конзервативизмот кај младите до тој степен, што повторно се враќа дискусијата ‘каде и е местото на жената’. Во денешно време разговараме за таква тема, што јас сум искрено запрепастен. Со тоа, ги гледаме влијанијата и на негативните инфлуенсери“, забележува новинарот и водител.

Така што, ова придонесува да мора да се внимава, да се работи, да се изнајде начин да се допре до влијателните и инфлуенсерите.

„Можеби веќе е време да се разговара за етички кодекс на инфлуенсерите во Македонија? Ако новинарите имаат новинарски Кодекс и тела што работат на саморегулација и негово применување, веројатно треба да се седне да се зборува и за етичкиот кодекс на инфлуенсерите“, нагласува Јанески.

Фото: Unsplash

Во однос на се’ помладите инфлуенсери кои рекламираат и нездрава храна, продукти, пијалаци, вели дека разговорите со нив треба да се прават исто како што ние сме ги правеле со нашите родители за рекламите на ТВ.

Но, истовремено, овде веќе станува збор за она што стручно се вика интердисциплинарен пристап, а јас би рекол и многу сериозна спрега помеѓу државните институции, кои се задолжени за се’ она што се рекламира и внесува во државава. Пред се’, прво треба одговорност од државата, бидејќи ние бевме сведоци на аферата со чаевите за слабеење, каде мораше новинарите колеги од ИРЛ да си ја завршат својата работа, случајно доаѓајќи до сознание како одредени чаеви биле штетни по здравјето на луѓето, а тие чаеви најмногу се продаваа преку социјалните мрежи, без никакво присуство на традиционалните медиуми – телевизијата, радиото и весниците. Тука автоматски се отвори прашањето кој се’ бил вклучен и кој се’ бил платен“, вели Јанески.

Според него, повторно доаѓаме до дискусиите за кредибилитетот и значајноста зошто одредено лице станало познато. И, притоа, како тоа лице преку рекламирање одредени производи, или вршење маркетинг преку социјалните мрежи – има кредибилитет да зборува за одредена диета.

„Друго е ако вие рекламирате тоалетна хартија, иако и тоа беше популарно меѓу инфлуенсерите и инфлуенсерките да се шетаат по планини со тоалетни хартии, па ја загадуваа природата. Значи, можеме да ги фатиме некои работи од неколку аспекти, но, веројатно, треба да седнеме и разговараме. Јас имам внука од осум години со ТикТок профил од 26.000 следачи. Јас не ја разбирам нејзината содржина. Тоа што таа го продуцира на своите години е комплетен различен сензибилитет од тоа што го поседуваме генерациски. Но, притоа седнавме да разговараме со неа ‘зошто не би требало во нејзината содржина (content) да го прикажува своето лице’. ‘Зошто е тоа погрешно, што тоа би донело, зошто лицето треба да и’ биде сокриено’. Истовремено, таа почнува да не’ прашува ‘што е со војната во Украина, што е со војната во Палестина, зошто тоа се случува?’. Тоа се генерации што пребарувањата ги прават на ТикТок, а за нив Гугл е ‘застарена форма за бумерите’“, потенцира Јанески.

Бојан Шашевски