Од утре полицискиот час ќе почнува во 20 часот, угостителските објекти се затвораат, одлучи Владата

Полицискиот час на територијата на целата држава кој беше воведен на 10 март, а траеше од 22 до 5 часот наутро, од утре ќе почнува во 20 часот, се до 20 април, одлучи Владата на денешната седница.

Угостителските објекти кои имаа дозвола да работат до 21 часот, од 7 април целосно се затвораат и ќе смеат да работат само со достава. Исто така од 7 април се затвораат и обложувалниците. 

Од утре пак, се затвораат и фитнес клубовите и се забранува одржувањето на конференции и обуки.

Ваквата одлука доаѓа по рекордните бројки на новозаразени и починати од Ковид-19 изминатите денови.
Во моментов бројот на активни случаи со Ковид-19 во земјава изнесува 21.630. Министерството за здравство претходно соопшти дека на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата се лекуваат 1.720 лица, и додаде дека има околу 230 празни болнички кревети во ковид центрите.

Инаку, денеска во спортската сала „Борис Трајковски“ почна масовната имунизација на населението против коронавирусот со дози од вакцината Спутник, кои Република Србија ги подари на земјава.