Од 13 мај полицискиот час ќе почнува на полноќ, угостителски објекти ќе можат да работат до 23 часот и 30 минути

Владата на Република Северна Македонија на денешната 69-та седница донесе одлука забраната за движење, односно полицискиот час, од 13 мај, да почнува на полноќ, наместо од 23 часот како што беше досега, и да трае се до 4 часот наутро. Инаку, по претходно донесената одлука на Владата на 27 април, исклучок од забраната за движење ќе има утре, односно од 12 кон 13 мај, за празникот Рамазан Бајрам.

Од Владата денеска посочија и дека угостителски објекти од утре, 12 мај ќе смеат да работат до 23 часот и 30 минути, но само во отворениот дел од објектите.

Истовремено, тие одлучија дека може да се организираат настани, согласно наменските протоколи, но само со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор.

Со одлуката се зголемува и бројот на децата кои се згрижуваат во градинките, односно, наместо 15 деца, сега ќе може да се згрижуваат по 20 деца во една група. Вежбалните, фитнес центрите и теретаните пак, ќе може да отпочнат со работа во нивните објекти.

Од Владата истакнаа и дека на денешната седница е одлучено да се дозволи користење на годишните одмори за здравствените работници.

Ваквите мерки, како што посочија оттаму, ќе важат до 18 мај.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека епидемиолошката крива е во опаѓање, како и дека бројот на хоспитализирани пациенти во изминатите денови во континуитет се намалува.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројката на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, додека бројот на активни случаи изнесува 10.572 лица.