Полицискиот час и рестриктивните мерки продолжени до 27 април, одлучи Владата

Ограничувањето на движењето, односно, полицискиот час кој трае од 20 до 5 часот наутро, како и останатите рестриктивни мерки кои се на сила, продолжуваат да се применуваат до 27 април, одлучи Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница.

Како што информираат од Владата, исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настави во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а кои се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование.

„Исклучок се донесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите“, се додава во соопштението на Владата.

Вчера пак, Главниот кризен координативен штаб соопшти  дека до Владата ќе предложи да се усвои одлука со која постојните мерки кои се со важност до 20 април, да продолжат да се применуваат до 27 април, по предлозите пристигнати од Комисијата за заразни болести.

Истовремено, тие соопштија дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање на бројот на новозаболени и хоспитализирани,  ќе ја разгледаат можноста за предлог за намалување на рестрикциите, меѓу кои и отворање на угостителските објекти за работа во отворениот дел на објектите од 27 април до 15 мај и измена на забраната за движење, која би траела од 21 до 5 часот наутро.

На денешната владина седница беше донесен и шестиот пакет антикризни економски мерки. Со мерката седум од шестиот пакет, од Владата информираат дека за странските туристи кои ќе престојуваат во државава ќе бидат обезбедени бесплатни тестови за Ковид-19.

„Станува збор за 50.000 тестови вредни 30.750.000 денари за бесплатно тестирање на странски туристи со цел да ги запазат здравствените протоколи во државата како гаранција за туристите кои ќе ја посетат нашата држава дека без дополнителни трошоци ќе бидат спремни да се вратат во земјата од каде доаѓаат или да го продолжат своето патување во друга земја“, информираат од Владата.