Полицискиот час од утре ќе почнува во 21 часот – се отвораат терасите на кафулињата и рестораните, одлучи Владата

Од утре, 28 април, до 15 мај, забраната за движење, односно полицискиот час ќе почнува во 21 и ќе трае се до 5 часот наутро, одлучи Владата на денешната седница по препораките на Комисијата за заразни болести. Истовремено, исклучок од забраната за движење ќе има на 1 кон 2 мај, за верскиот празникот Велигден, како и меѓу 13 и 14 мај, за верскиот празник Рамазан Бајрам.

Владата усвои и измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето од Ковид-19, па така, од утре, сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на објектите, и тоа до 20 часот и 30 минути.

„Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува. Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега“, стои во соопштението на Владата, каде додаваат дека во однос на овие исклучоци, ќе се применуваат веќе адаптираните протоколи.

Од Владата потенцираат дека согласно препораките на Комисијата, на сила останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор, додавајќи дека дејноста може да ја обавуваат на отворен простор, согласно наменскиот протокол.

За прв пат годинава, Владата донесе одлука за воведување на забрана за движење на од 10 март, која беше на сила од 22 до 5 часот наутро. На 5 април пак, Владата донесе одлука полицискиот час да почнува во 20 часот, а исто така тогаш беа затворени и угостителските објекти.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 150.672, бројката на оздравени пациенти е 129.909, на починати е 4.714, а бројот на активни случаи изнесува 16.049.