Од самостоен протест до глобално движење – тинејџерката Грета Тунберг го сврте вниманието кон климата

Пред точно една година, тинејџерката Грета Тунберг седна пред Парламентот во Шведска со својот сега веќе препознатлив знак „School Strike for Climate“ („Училишен штрајк за климата“).

Нејзиниот скромен, но упорен активизам, поттикна милиони други млади луѓе од целиот свет да го започнат движењето #FridaysForFuture (Петоци за иднината).

Таа имаше 15 години кога реши секој петок да ги пропушта часовите за да протестира пред Парламентот , повикувајќи ги светските лидери да преземат посериозна акција за животната средина.

По медиумското внимание, таа беше повикувана на бројни самити и собири на светски лидери каде зборуваше во името на младата генерација.

Во една прилика таа ќе каже: „Некои луѓе велат дека наместо тоа (да протестира), треба да одам на училиште. Некои велат дека треба да учам и да станам научник за да ја „решам климатската криза“. Но климатската криза веќе е решена. Веќе ги имаме сите факти и сите решенија.

И зошто треба да се подготвувам за иднина која наскоро можеби ќе ја снема, бидејќи никој не прави ништо за да ја спаси иднината? И која е смислата во учењето на фактите, кога најважните факти очигледно на општеството не му значат ништо?

Денес ние користиме 100 милиони барели нафта секој ден. Нема политика за промена на тоа. Нема правила за чување на нафтата вземи.

Што значи дека нема да го спасиме светот ако само ги следиме правилата. Правилата мора да се сменат.

Затоа, не дојдовме овде да ги молиме светските лидери да се грижат за нашата иднина. Тие нè игнорираа во минатото и повторно ќе нè игнорираат.

Дојдовме да ве известиме дека настапуваат промени, сакале вие или не. Луѓето се соочуваат со предизвикот, а бидејќи нашите лидери се однесуваат како деца, мораме да ја преземеме одговорноста која тие требаше одамна да ја преземат“.

Во март, таа стана најмладата личност која некогаш била номинирана за Нобеловата награда за мир. Во мај се здружи со движењето Extinction Rebellion од Лондон, охрабрувајќи ги да ја продолжат нивната борба против климатските промени. Исто така, беше прогласена за една од највлијателните личности според списанието „Тајм“.

На почетокот на месецов, Грета го започна своето двенеделно патување со брод од Британија до Америка, каде ќе учествува на самит за климатски промени. Причината за тоа е да не патува со авион и да предизвика поголемо загадување.