„Образовниот систем е ранлив на политичко влијание и корупција“, се забележува во најновиот извештај на ЕК

Образовниот систем е ранлив на политичко влијание и корупција, се оценува во најновиот извештај за напредок во реформите на Европската Комисија. Во него се вели дека во областа на образованието, земјава е умерено подготвена и се наведува дека одреден напредок бил постигнат со усвојување на новиот Закон за основно образование и новиот Закон за наставници и соработниците во основните и средните училишта, како и со реформите во стручното образование и обуката. Дополнително, тие забележуваат дека воведувањето на мерките од сеопфатната Стратегија за образование 2018-2025 година полека напредува.

Но, препораките од извештајот за 2019 година, според ЕК биле делумно адресирани и затоа уште остануваат валидни.

„Во наредната година, земјата треба особено да ја спроведе новата стратешка рамка за образование, особено целите за предучилишно образование, да ја зголеми поддршката за обука на наставниците и професионалниот развој на наставниците и да обезбеди ефективен процес на проценка, да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, посебно запишувањето во предучилишно образование, за децата со попреченост и децата од ромските заедници“, се порачува во извештајот.

Јавните трошоци за образование и обука претходната година изнесувале 3.7% од бруто домашниот производ. Од Комисијата забележуваат дека владините инвестиции во образованието и во грижата за раното детско образование се зголемиле, и дека на располагање биле ставени дополнителни 1.284 места.

„Сепак, вкупното ниво на запишување остана на ниско ниво. Целта на ЕУ за образование и обука за 2020 година e утврдена на 95% за посетеноста во ранoто детско образование и грижата, а само 40.2% од децата од 3 до 6 годишна возраст во Северна Македонија беа запишани во лиценцирани институции за предшколско образование и грижа во учебната 2019/2020 година“, стои во извештајот.

Пристапот до вообичаеното образование за децата и студентите со попреченост останува „слаб“, односно, со ограничен пристап до училишните згради, недостаток на соодветни материјали и материјали за учење, како и недоволна поддршка за наставниците.

„Децата и студентите од ромските заедници продолжуваат да се соочуваат со бариери за редовно и квалитетно образование и обука. Новиот Закон за основно образование значително ги зајакнува законските услови за инклузивно образование. Сепак, потребни се и владини инвестиции. Од јануари 2019 година, трошоците за 400 деца Роми запишани во раното детско образование и грижа е покриено од државниот буџет преку блок дотации за 20 општини. Развдојувањето по етничка линија во образованието и обуките продолжува. Бариерите за интегрирано образование и обука остануваат значајни. Во високото образование, вкупната стапка на запишување на студенти беше 33.3% за академската 2018/2019 година, 26.4% за мажи и 40.4% за жени. Сепак, стапката на завршување останува на ниско ниво“, се истакнува во извештајот.

Новиот Закон за основно образование и новиот Закон за наставниците и соработниците во основните и средните училишта имаат за цел да се подобри квалитетот на образованието, се наведува во извештајот, и се дополнува дека тие вклучуваат мерки за образованието да се направи поинклузивно, но и да се зајакне професионалниот развој на наставниците.

Забележано е подобрување на перформансите на студентите, според резултатите од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на студентите во 2018 година, а во извештајот се посочува дека од земјите учеснички, С. Македонија била земја во регионот со најголемо подобрување, рангирана на 11-то место од дното, споредено со 4-то место од дното во проценката за 2015 година.

„Суштинско подобрување е сè уште потребно во квалитетот на основното и средното образование, со оглед на севкупното ниско ниво на рангирањето на земјата“, се порачува во извештајот.

Со ревизиите направени на Законот за стручно образование и обука, кои се усвоија во декември 2019 година, ЕК забележува дека се вклучува експлицитно упатување на регионалните центри, а со тоа и поставување на база на инвестиции.

„Во текот на 2019 година, беше спроведена реформирана четиригодишна програма за стручно образование и обука низ сите училишта во земјата. Потребни се дополнителни напори за да се реши несовпаѓањето помеѓу вештините што ги бара пазарот на трудот и резултатите од образованието и науката. Воспоставувањето соработка помеѓу училиштата за стручно образование и обука и пазарот на трудот е позитивен чекор во таа насока. Зголемени инвестиции на Владата и приватниот сектор во нив и поблизок мониторинг на нивните резултати, како што е статусот на пазарот на трудот на дипломирани студенти, сè уште се препорачува“, стои во извештајот.

Земјата продолжила активно да учествува во програмата Еразмус+, и е на рамноправно ниво со земјите-членки на ЕУ. Од година во година, од ЕК забележуваат дека се зголемуваат успешните апликации од Северна Македонија во Еразмус+ програмата.

С. Македонија има добра подготовка во областа на науката и истражувањето

Според Комисијата постигнат е одреден напредок во капацитетите за истражување и иновации во јавниот и приватниот сектор, но и во развојот на Стратегијата за паметна специјализација.

Земјава во однос на препораките од минатата година, се осврнала на инвестиции во иновации во приваните компании и започнала развој на Стратегијата за паметна специјализација.

„Така, во наредната година, земјата треба да обезбеди повисоко ниво на инвестиции во истражувањето и да се интензивираат напорите за зголемување на учеството во ‘Хоризон 2020’ и идните програми на ЕУ за истражување и иновации, да продолжи да работи на комплетирање на Стратегијата за паметна специјализација за поддршка на националното истражување и иновациски стратегии и политики“, порачуваат од ЕК.

Стратегијата за иновации 2012-2020 година продолжува да биде главниот документ на С. Македонија за подобрување на иновациите во приватните компании, се вели во извештајот, каде се посочува дека одреден напредок е постигнат во истражувањето и иновациите.

„Инвестициите во истражувањето и иновациите остануваат ниски и значително под просекот на ЕУ, 0.4% од БДП, со занемарливо, но мало подобрување учество на приватниот сектор, што претставува 0.1% од БДП. Потребна е поблиска соработка помеѓу академските инстицуии и приватниот сектор“, се порачува во извештајот.

Во однос на Европската област за истражување, капацитетот за истражување на земјата е низок, во споредба со просекот на ЕУ.

Центарот за трансфер на технологии и иновации, бизнис-акцелераторот на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, како и програмата за субвенционирање на млади истражувачи треба да ги подобрат можностите за истражување во земјата.

Што се однесува до иновациите, земјата се сметаше за „скромен иноватор“, според европската табела за иновации во 2019 година, односно покажа пад во споредба со 2018 година.

„Нејзините оценки беа за апликациите за патенти, апликациите за дизајн и јавно-приватните публикации. Фондот за иновации и технолошки развој продолжи да ги стимулира иновациите преку грантови за иновации и поддршка на стартапи и компании“, стои во извештајот.

Според извештајот на ЕК, С. Македонија ја завршила првата фаза од подготовките за Стратегијата за паметна специјализација.

„Се работи за започнување на квалитативна анализа на шесте идентификувани приоритети, со одредени одложувања поради кризата со Ковид-19“, додаваат од ЕК.

Откако таа ќе се „постави“, ќе ја зајакне политиката за истражување и иновации во земјата и ќе ги подобри своите стратегии на терен, наведуваат од ЕК.