Обојувањето на Вардар за изборниот ден настанало од миење рѓа, сторителот непознат

Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека обојувањето на водата во Вардар која се случи на денот на изборите-15 јули, најверојатно настанало поради тоа миење рѓа со чиста вода, но немаат откриено кој е сторителот. Во портокаловиот талог од водата, било направено хемиското тестирање во акредитирана лабораторија за pH вреност, железо, манган, ХПК (бихромат), БПК за 5 дена, нитрати, сулфати, хлориди, суспендиран материјал и електрична спроводливост.

„Може да се каже дека PH вредноста на водата е неутрална со вредност од 7.08, има зголемување на суспендирани материи кои претставуваат неутрализиран талог кој содржи железен хидроксид кои доведуваат до обојување на водата. Исто така, електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода“, стои во соопштението.

Од инспекторатот велат дека на терен излегле со двајца државни инспектори кај испустот на отпадни води од колекторот кои се влеваат во река Вардар кај мостот „Близнак“ под Бетонската база на „Бетон“ каде граничат општините Гази Баба и Аеродром. Посочуваат дека отпадната вода била со видлива портокалова боја, но без помор на риби. Додаваат и дека направиле два вонредни инспекциски надзор во комплексот поранешна Железара кај правните субјекти кои имаат отпадни води од технолошки процес и се носители на А-Интегрирани Еколошки Дозволи, компаниите „Либерти“ и „Макстил“. Притоа утврдиле дека тие не се загадувачите.

„Од извршените вонредни инспекциски надзори и кај двата погоре споменати субјекти нема забележано појава на истекување на портокалова отпадна вода“, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина.

Оттаму велат дека, согласно надлежностите утврдени во постоечката легислатива и утврдени факти во инспекциска постапка, немаат основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка. Додаваат и дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се влеваат фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација, атмосферски води од кровните конструкции од објектите и атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите. Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, П.З.У Ре-Медика и Ј.З.О Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колектор кон реката Вардар со канализациони приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешна објекти од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар.

Појаснуваат дека за дел од овие субјекти се надлежни ДИЖС, но поголем дел е во надлежност на Град Скопје и од Општина Гази Баба.

„Државниот Инспекторат за животна средина по добиена дојава за загадување на животната средина на територијата на целата држава секогаш ги проверува сите наводи од добиена дојава, претставка итн, но не одговара за веродостојноста на информации, видео и фото материјали објавени по социјални мрежи од разни извори“, се додава во соопштението.

Повторно пожолте реката Вардар кај Долно Лисиче, инспекторите се на терен