Повторно пожолте реката Вардар кај Долно Лисиче, инспекторите се на терен

На социјалните мрежи од утрово почнаа да се споделуваат фотографии од реката Вардар, во делот на Долно Лисиче, каде водата е обоена во жолто-кафеава боја. Фотографиите се наравени од фотографот Анте Јосифовски, утрово во 9 часот, потврди тој за Радио МОФ.

Од Инспекторатот на Град Скопје преку нивната Фејсбук страница, посочија дека во координација со директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) се испратени инспектори на терен.

Во координација со директорот на ДИЖС испратени се инспектори на терен. Ќе се земат урнеци од водата и доколку се работи…

Posted by Инспекторат на град Скопје on Wednesday, 15 July 2020

„Ќе се земат урнеци од водата и доколку се работи за истиот сторител од минатиот пат, овој пат казната ќе биде многу поригорозна. Минатиот пат правниот субјект беше казнет со 100.000 евра“, стои во објавата на Инспекторатот.

Сличен инцидент се случи во септември, минатата година, кога фирмата „Арцелор Митал“, од неодамна преземена од „Либерти Хаус Груп“, ја загади реката Вардар со испуштање на отпадни води со хемикалии во канализациониот одвод. Фирмата тогаш беше беше казнета со забрана за дејност на погонот кој ја предизвикал хаваријата, во времетраење од 90 дена и беше најавена казна од 70.000 до 100.000 евра.

*Текстот е дополнет со името на фотографот кој утрово ги направи сликите од обоениот Вардар