Објавени резултатите од Годишниот конкурс за проекти во културата за 2024 година

Министерството за култура денес ги објави резултатите од  Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција изјави дека буџетот оваа година изнесува 14 милиони евра што е повеќе за милион ипол евра од ланскиот буџет. Таа информираше дека од пристигнати 3.132 пријави, 313 биле одбиени по административна проверка поради пријавување во несоодветна дејност, непотполна документација, а во некои случаи наместо документ бил приложен и празен лист.

„Во поголемиот дел од 26 пријавени проекти во оваа програма, комисијата препозна проекти за кои велат дека ги поместуваат границите и нудат поразлични перспективи во креативните индустрии“, рече министерката за култура и притоа додаде дека за проектите од креативните индустрии е отворена нова буџетска линија.

Костадиновска-Стојчевска изјави дека во рамки на Годишната програма се поддржани и јубилеи и годишнини како 100 години од формирањето на првиот Археолошки музеј, 80 години од основањето на НУБ „Свети Климент Охридски“, 80 години Филхармонија, 75 години „Танец“, 20 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

„Годишнините ќе не’ навратат на споменот на чествување на големите: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски“, рече таа.

Продолжува непосредната заштита на скопскиот Аквадукт и на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастир; конзервацијата на Свети Ѓорги во Курбиново и на Сарајот на Нијази-бег во Ресен; непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација и препокривање на црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче; проектот за состојбата на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Трескавец; адаптација на Старото училиште во Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик, како и заштитата и конзервацијата на културното наследство на Лазар Личеноски.