„Мал Битолски Монмартр” може да згасне откако не доби пари на Конкурсот на Министерството за култура

*Текстот е надополнет со информација од Министерството за култура кои демантираат дека „Мал битолски Монмартр“ не бил подржан оваа година. 

Од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола велат дека ликовната колонија „Мал Битолски Монмартр“ оваа година може да се откаже за првпат по 42 години откако не добиле никакви средства на Годишниот конкурс на Министерството за култура за финансирање проекти од национален интерес во културата.

Претседателот на Управниот одбор на Студиото, Славчо Неделковски вели дека повеќе не е јасно кои се параметрите врз кои решаваат комисиите во Министерството.

„Ако за проект минатата година имавме 94 поени од 100 како е можно за истиот за 2023 година надограден со огромни награди да имаме нула денари? Со оглед на финансиската состојба и над 150 ученици кои бесплатно се едуцираат при Детско ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола и очекуваните над 600 пратки од исто толку приватни и државни школи од 60 земји од цел свет кои ќе генерираат фонд од над 40.000 детски ликовни цртежи Управниот одбор е пред тешка одлука. Воедно имавме ветувања дека нашиот статус ќе биде вратен и одлуката на Министерството за образование и наука на Северна Македонија [позитивна или негативна] ќе ја имаме и во нормална пишана форма. Ни претседателот на Владата ни претседателот на Северна Македонија 4 месеци не можат да генерираат таков документ а организацијата е без поддршка веќе 9 месеци откако министерот излажа дека не е извршен прекин на истата“, објаснува Неделковски.

Тој вели дека на 10 март е закажан состанок со сите 15 членови на Меѓународниот управен одбор за 42-то издание на “Мал Битолски Монмартр” на кој ќе биде одлучено дали колонијата оваа година ќе се откаже. Посочува дека се испратени преку 250 писма за поддршка на реализацијата на нивните активности до општествено одговорни компании, Општина Битола и владини институции, што ќе биде пресудно при носењето на нивната конечна одлука.

„Во моментот несериозно е да говориме за реализација на овие огромни манифестации од интернационален квалитет на кои им се доделени мизерни средства. За активности на проектот Светска детска изложба и конкурс “Битола” кој трае од 20-ти септември до 25-ти мај, или 9 месеци, и подготовките за Светската детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр”, која се подготвува од март и реализира до крај на мај, во основа ова се цифри кои се граничат со здравиот разум. Ја разбравме „пораката” па соодветно на неа и ќе реагираме. Очигледно националните интереси во културата веќе одамна се изместени од здравиот разум на логиката а тесно политичките се приоритет“, додава Неделковски.

Вчера министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на резултатите, како и на бројните реакции во врска со Годишниот конкурс и порача незадоволните да го искористат своето право на жалба. Таа напомена дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет.

Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” оваа година одбележува 55 години од своето постоење.

[Надополнето] По објавата на текстот Министерството за култура ги демантираше изјавите на Неделковски и информираа дека оваа година проектите на „Мал битолски Монмартр“ добиваат највисока сума за поддршка досега од 240 илјади денари. Односно 151.800 денари за Фестивалот и 87.300 денари за Конкурсот.

Министерство за култура: Не е вистина дека „Мал битолски Монмартр“ не е поддржан, годинава добиле највисока сума