Министерство за култура: Не е вистина дека „Мал битолски Монмартр“ не е поддржан, годинава добиле највисока сума

Министерството за култура ги демантира изјавите на претседателот на Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, кои ја организираат ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“, Славчо Неделковски, кој преку соопштение реагираше дека овој настан годинава не бил поддржан на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата.

Од Министерството велат дека оваа година проектите на „Мал битолски Монмартр“ добиваат највисока сума за поддршка досега од 240 илјади денари. Односно 151.800 денари за Фестивалот и 87.300 денари за Конкурсот.

„Далеку од вистината е тврдењето на Неделковски дека овие манифестации не се поддржани од Министерството за култура и не се бодувани, напротив, стручната комисија ги оценила со високи бодови: 97 бода за Конкурсот и 66 бода за Фестивалот. Инаку, во изминативе години поддршката од Министерството за култура за манифестациите на „Мал битолски Монмартр“ е следнава: во 2020 година било аплицирано само за Конкурсот и се доделени 150 илјади денари; во 2021 година Фестивалот е поддржан со 97.600 денари, а Светскиот ликовен конкурс со 94.400 денари, што е вкупно 192.000 денари. Во 2022 година се доделени вкупно 219.000 денари, и тоа: за Конкурсот – 104 000, а за Фестивалот – 115 200 денари. Сметаме дека Неделковски со ваквата изјава шири невистини и самиот го намалува реномето на светски признаените манифестации кои се одвиваат со децении под брендот „Мал битолски Монмартр“. Комисиите при Министерството за култура работат во согласност со приоритетите, мерилата и критериумите на Конкурсот, и, според наведената поддршка со години наназад, „Мал битолски  Монмартр“ секогаш бил субвенциониран со доволна финансиска поддршка со која овие манифестации постигнуваат светски успех. Не гледаме причина зошто да не биде така и оваа година“, стои во демантот на Министерството за култура.