Костадиновска-Стојчевска: Годишниот конкурс за култура нуди нова програма за креативни индустрии

Од денес е отворен системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата во 2024 година, соопшти министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска на денешната прес-конференција.

Новина за следната година е што ќе се отвори нова програма за креативни индустрии кои не се дел од други конкурси и кои досега немало можност да бидат финансирани. Условите, правилата и приоритети за пријавување се објавени на uslugi.gov.mk.

„Ќе има и три посебни пријави по дејности кои досега беа на иста пријава; библиотечна дејност, музејска дејност и нематеријално културно наследство; заштита на недвижно културно наследство и на аудиовизуелни добра“, изјави Костадиновска – Стојчевска.

Новите пријави се воведуваат со цел поедноставување на процесот, додека како што рече министерката, тоа нема да ги смени критериумите, мерилата за оценување на пријавите и начинот на финансирање.

Министерката информираше дека е предвидена финансиска поддршка на иницијативи и проекти кои се во насока на унапредување на стратегискиот дијалог со САД, унапредување на соработката со државите членки на иницијативата „Отворен Балкан“, како и проекти што се во функција на поврзување со дијаспората.

„Приоритет ќе имаат и проектите што ќе нѐ промовираат во градовите- европски престолнини на културата во 2024 година, како и во земјите претседавачи со Европската Унија во 2024“, истакна таа.

Оваа година електронското пријавување целосно ќе се спроведува преку националниот портал за е-услуги, а конкурсот е отворен до 6 ноември годинава. Решенијата за прифатени, за одбиени или за отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, преку порталот за е-услуги.