Објавени добитниците на 50. Светска галерија на карикатури

Белом Жан-Лоик од Франција ја доби првата награда за карикатура на 50. Светска галерија на карикатури Скопје 2018 на галеријата „Остен“. Добитници на први награди во други три категории се: Лука Лагатор од Црна Гора – за сатиричен цртеж, Ратко Маричиќ од Хрватска – за стрип и Блаже Докулески – награда за македонски карикатурист на годината.

Посебни награди добија десет автори: Дарко Дрљевиќ од Црна Гора, Џовани Кури од Италија, Катаржина Кузиор од Полска, Златко Крстевски од Македонија, Константин Сунерберг од Белгија, Сергеј Семендјаев од Украина, Јитет Кустана од Индонезија, Михел Моро Гомез од Куба, Миленко Косановиќ од Србија и Иваило Цветков од Бугарија.

Првата селекција на учесници на 50. Светска галерија на карикатури ја направи познатиот карикатурист од Турција Ердоган Басол, кој беше и член на жири, а останатите членови на интернационалното жири кое одлучуваше за наградите се: Ан Телнес од, САД (уредник-карикатурист на Вашингтон пост), Мостафа Рамезани, Иран/Франција (карикатурист и графички дизајнер), Владимир Казаневски од Украина (карикатурист и предавач по Теорија на уметноста на карикатурата) и Мице Јанкуловски од Македонија (уметник, карикатурист и претставник од „Остен“).

По повод 50-годишниот јубилеј, „Остен“ изложи по едно дело од сите карикатуристи кои се пријавиле на 50. Светска галерија на карикатури Скопје 2018. Изложбата ќе може да се посети од 1-ви до 10 јуни во Музеј на град Скопје.

„Светската галерија на карикатури и овојпат ги обедини уметноста, хуморот и интелигенцијата од цел свет, изразена преку цртеж. Доследни на својата заложба за поттикнување на уметноста на хартија, како и секоја година, основен критериум за учество на Светската галерија на карикатури беше учество со оригинални, рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови. Карикатуристите од целиот свет ја поздравуваат оваа наша заложба и ги препознаваат нашите напори за поттикнување вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите, па одѕивот беше исклучително голем: 208 карикатуристи од 50 земји во светот испратија во Остен близу 800 карикатури“, соопшти „Остен“.