НП Шар Планина: По трочасовна акција, спасен мечок заглавен на бачило

Од Националниот парк „Шар Планина“ информираа дека по дојава на локален жител од селото Бозовце, дека мечка е заглавена на неговото бачило, се организирала акција за ослободување на животното заедно со вработени во  Јавната Установа Зоолошка градина на Град Скопје.

Оттаму додаваат дека на бачилото околу 10 часа во сајла бил заглавен возрасен мечок, кој бил изморен и исплашен, а акцијата за негово спасување траела три часа.

„Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката.
Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“, се вели во објавата на националниот парк.

Мечките се строго заштитени жители на Шар Планина, а локалното население од планинските села живее во соживот со природата, велат од НП „Шар Планина“.