Кривична пријава против директорот и уште 5 лица од ЗОО Скопје поради колење коњи за храна за животните

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера биле приведени 5 лица, а на разговор во полициска станица бил повикани и директорот на Зоолошката градина во Скопје поради сомнение дека колеле коњи чие место потоа го давале на животните.

СВР Скопје најави дека против сите шест лица ќе бидат поднесени кривични пријави.

„При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати  во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото.“, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека приведени биле Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник, а дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор.

Од Град Скопје вчера информираа дека директорот на ЗОО Скопје е разрешен од функцијата и се оградија од овој случај.

„Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува“, соопштија од Град Скопје.