Новинарите најавија тужба против државата за „Крвавиот четврток“

Најмалку 15 новинари, кои известуваа од македонското Собрание при насилниот упад на 27 април, најавија дека ќе поднесат тужба против Република Македонија за надомест на штета.

Новинарите најавија дека ќе ја тужат државата според членот 166 од Законот за облигационите односи – „Одговорност поради терористички акти, јавни демонстрации и манифестации“, а најавија дека тужбата може да биде проширена со барање за одговорност на поединци, кои со преземање или непреземање дејства придонеле за настанатата ситуација.

Инацијаторите најавија дека постапката е отворена за сите колеги известуваа од Собранието – новинари, фоторепортери и сниматели и ги повикаа сите оштетени медиумски работници да им се приклучат во периодот кој следи.

„Освен новинарите кои известуваа од прес салата, треба да се вклучат и оние кои известуваа надвор од Собранието. Разговарано е и со вработени во Собранието кои сакаат да се вклучат во иницијативата. Се надевам дека новинарите и снимателите ќе соберат храброст да ја тужиме државата, бидејќи ние таму бевме на работно место и нашето известување, мислам дека допринесе и да нема потешки последици. Нашето присуство придонесе ситуацијата да заврши, како што заврши“, изјави новинарот Горан Трпеноски, кој заедно со колегите Душица Мрѓа и Боби Христов се иницијатори на тужбата.

Тие најавија дека постапката ќе ја продолжат по празниците и дека времето на поднесување на тужбата ќе зависи од брзината со која оштетените новинари ќе се координираат и договорат околу сумата која ќе ја побараат во процесот.

Член 166 од Законот за облигационите односи предвидува дека за штетата од акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации одговара државата, без оглед на постоењето на вина, додека државата има право и обврска да бара надомест на исплатениот износ од лицето кое ја предизвикало штетата.