Норвешки милијардер има намера да купи речиси 4.000 станови во Берлин – жителите лути

Дел од населението во Берлин се подготвува да се бори против новиот „непријател“, норвешки милијардер кој има намера да купи речиси 4.000 станови во градот каде покривот над глава стана луксуз, пренесува српски „Н1“. Тоа е најголема инвестиција во недвижен имот во Берлин, откако сенатот во покраината воведе мерка со која се спречува произволно зголемување на закупнината.

Шведската компанија „Хелмстаден Бостад“ зад која стои норвешкиот милијардер Ивар Толефсен, најави дека има намера да купи 130 станбени згради во Берлин, односно, вкупно 3.902 станови, 208 деловни простории и 321 места за паркирање, кои чинат вкупно 830 милиони евра.

Во Берлин пак, дел од граѓаните се во постојан судир со инвеститорите во секторот за недвижнини. Причината е што цените на закупнините во градот во последните десет години се зголемија двојно. Слична е состојбата и во другите метрополи, но проблемот е во тоа што цената на становите во Берлин отсекогаш била многу пониска, со оглед на тоа што граѓаните на Берлин отсекогаш заработувале помалку од германскиот просек. Сега јазот значително се прошири.

Жителите во објектите кои милијардерот има намера да ги купи веќе се побунија и бараат од градските власти да го искористат правото на предност при купувањето.

Меѓутоа, советникот на градскиот округ и заменик градоначалник на централната општина Берлин-Мите, Ефраим Готе, вели дека некои од зградите кои компанијата планира да ги купи во овој округ не спаѓаат во областите каде станарите се заштитени. Инвеститорот на тој начин може да го „исфрли“ градот од игра, доколку потпише изјава во која се обврзува да ги штити правата на станарите.

Компанијата пак, гарантира дека нејзиниот деловен модел е „ориентериран кон клиентите“.

„Имаме долгорочни планови. Ние никогаш не купуваме за да продаваме поскапо. Напротив, ние инвестираме во капацитети и соработуваме со станари, политички актери и заедници за да создадеме удобни и одржливи населби за пазарот во Берлин“, изјави директорот на компанијата Патрик Хол.

За нив, оваа набавка претставува влез на германскиот пазар. Тие поседуваат станови ширум Европа и досега, како што велат, немало конфликти со станарите. Но, и покрај ваквите уверувања, многу од станарите се сомневаат.

„Тоа се само празни зборови на кои не можеме да им веруваме“, вели Јагна Андерсон од иницијативата „Пет куќи“.

Тој ги раскажува искуствата со станарите од куќите кои се во сопственост на компанијата во Осло и Малме. Тие тврдат дека на сопственикот навистина не му е грижа кога станува збор за одржување на зградата.

Андерсон веќе подготвува протести и настојува да ги мобилизира и другите станари. Но, засега се познати само 16 од 130-те згради кои компанијата има намера да ги купи.