„Никон“ затвора фабрика во Кина поради зголемената потрошувачка на паметните телефони

Од компанијата „Никон“ информираат дека ја затвораат својата фабрика во кинеската провинција Џиангсу, обвинувајќи го порастот на паметните телефони за падот на пазарот за компактни дигитални фотоапарати.

Со одлуката, донесена од Одборот на директори на „Никон“, се затвора подружницата која беше отворена во 2002 година. Во оваа фабрика се произведуваа дигитални фотоапарати и DSLR леќи, а во неа работеа 2 285 луѓе.

„Во последниве години поради порастот на паметните телефони, компактниот пазар на дигитални фотоапарати брзо се намалува, што доведе до значително намалување на оперативната стапка кај ‘Никон имаџинг (Кина)’ и создавање на тешка бизнис-средина”, се вели во соопштението на компанијата.

Покрај Кина, „Никон“ ги произведува своите делови и во Јапонија и Тајланд.

Пазарот на фотоапарати опаѓа, откако во изминативе десет години се зголеми квалитетот на паметните телефони.

„Глобалниот пазар за компактни дигитални камери се намали на десеттина од својот врв во изминатата деценија”, се вели во извештајот на „Никеи“.

“[Никон] очекува да продаде 4,8 милиони дигитални фотоапарати во текот на годината што завршува март 2018 година, што е намалување за 24 отсто. За компактниот сегмент, продажбата е проектирана да се намали за 28 отсто“.