„Независни за Карпош“ за утре најави протест против изградбата на комплексот згради кај Воена болница

Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ за утре (3 февруари, сабота) најави протест против изградба на 17-катницатата која треба да се гради на просторот позади бензинската пумпа на „Макпетрол“, кај поликлиниката „Букурешт“.

Протестот е насловен „Излези против владеење на мафијата“, а е најавен во 5 минути до 12 часот на платото пред СЦ „Борис Трајковски“, во близина на на раскрсницата на булеварите 8 Септември и Илинденска, дијагонално од Anhoch.

„Кој да бил или дојде на власт, мафијата ги влече конците, за свој личен профит се уништува Карпош, се уништи Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот“, се вели во најавата за протестот.

Од Иницијативата реагираат дека решението за градба кое е поставено на оградениот простор за градење било издадено на 18 јануари, а се’ уште не е јавно објавено на веб-страницата на Општина Карпош.

„Го криеле за да може лесно да помине правосилноста ете затоа. Нашето барање за поништување на одлуката се’ уште не е одговорено. Останува граѓаните да излезат на улица и да видиме дали само на нас ни сметаат згради. Избори се ближат, ние нема да одиме да молиме по врати, ама тие што имаат намера, наместо ветувања нека се покажат на дело – ВЕДНАШ!“, стои во реакцијата.

Пред неколку дена од Иницијативата соопштија дека пред повеќе од два месеца како членови на „О2 Иницијативата“ поднеле желби и претставки до повеќе институции за издаденото позитивно Конзерваторско мислење за изградба на висококатница на парцелата кај Воена болница. Повеќето од институциите им одговориле дека не се надлежни за постапување по претставките.

„Бараме правда веднаш! Бараме Министерството за култура итно да постапи по нашата претставка поднесена пред повеќе од два месеци, лани на 28 ноември, за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8 ноември 2023 и по нашиот предлог поднесен на 12 декември 2023 за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење кое е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот на згради П+1, П+10, П+16+Пк и П+17+Пк со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила“, порачаа еко-активистите.

„О2 Иницијатива“: Итно да се поништи криминалното конзерваторско мислење за комплексот згради кај Воена болница