Нема велосипедски патеки, а тротоарите полни со автомобили – средношколците не се чувствуваат безбедни на велосипед

„Нема услови за возење на велосипед затоа што на секоја улица има паркирано автомобили, а исто така автомобилите возат со голема брзина. Прилично по улички се вози, а доколку се движиме градски, единствено е по Партизанска, кеј, а никако од страната на Теодосиј Гологанов“. Ова се дел од одговорите кои Здружението Еко Логик ги доби преку прашалник во кој се вклучиле 228 ученици.

Тие го истражуваа мислењето на средношколци на возраст од 15 и 17 години, на ниво на Град Скопје, за користењето на велосипедот како алтернативно превозно средство, нивните предизвици со кои се соочуваат во секојдневието при возењето на велосипед, како и инфраструктурата во нивните училишта.

Па така, на прашањето колку често во текот на неделата практикуваат возење велосипед, 52.6 % одговориле дека ретко практикуваат велосипед, додека 33.3 % често возат велосипед.

За 52.6 % од испитаниците, велосипедот е алтернативно превозно средство бидејќи како што наведуваат во своите одговори, на тој начин се зголемува и подобрува нивната енергија, а 41.7 % бидејќи претставува друштвена и семејна активност. Покрај ова, 36.8 % рекле дека возењето велосипед ги ослободува од стресот.

Како најголеми проблеми при возењето, го наведуваат недостигот од велосипедски патеки, премногу пешаци кој се движат по патеките за велосипед, недоправени тротоари, небезбедни улици…

„Улиците се доволно широки за да можам да возам велосипед, но ризикот е голем бидејќи при возењето се разминувам со голем број на автомобили, затоа мислам дека добра идеја би била да се направат велосипедски патеки за да можам јас, а и другите луѓте да возат велосипед безбедно“, гласи одговор на еден од испитаните средношколци.

Позитивни примери, пак, се велосипедската патека на кејот на реката Вардар во Општина Аеродром и тоа што покрај секој булевар е обележана соодветна патека за велосипед. Покрај ова, позитивен факт кој го навеле е дека во најголем дел од училишатата имаат паркинзи за велосипеди кои се функционални.

Дополнителни пречки/предизвици со кои се соочувале овие средношколци се лошо осветлување, неквалитетно поставени патеки, голем интезитет на сообраќај, но сепак доминира одговорот со 51.8 % за непрописно паркирани автомобили.

На прашањето дали општината во која живеат има најавено подобрување на постоечка и/или креирање на нова велосипедска инфраструктура, најголем дел одговориле дека не се информирани, помал дел навеле дека општините во кои живеат имаат најавено подобрување, а сосема мал процент одговориле дека имаат најавено и дел од нив остварено.

Сепак, најголем дел од средношколците користат јавен превоз (74,6 %), а многу мал дел од нив, односно 6,6 % користат велосипед.

„Тргнувајќи  од личните потреби на младите луѓе, акцентирајќи го Скопје, може да се забележи дека кај нив има одредено познавање и практикување на возење велосипед. Но, во време кога главниот град станува еден од најзагадените градови во Европа, се чини како да недостига поддршка или пак мотивирање во одредена насока за потикнување на поголема застапеност“, забележуваат од Еко Логик во својот извештај.

Според нив, потребно е инволвираност од сите засегнати страни за Скопје да стане посакуваниот вело град во иднина.