Навредата и клеветата како дел од медиумските реформи

Навредата и клеветата како дел од медиумските реформи е насловот на публикацијата што вчера беше промовирана од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Со неа се дава општ преглед на ситуацијата во областа на навредата и клеветата во периодот од кога овие дела беа декриминализирани во 2012 година па се до денес.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, потенцираше дека целта на ваквата публикација е да се даде еден општ преглед на ситуацијата во областа на навредата и клеветата, но истовремено, и да се потсети Владата дека медиумите, вклучувајќи ја и заштитата на репутацијата, се значаен дел од реформите приоритети и треба да се вратат во фокусот на активностите.

„Анализата ќе биде доставена до Министерството за правда, кое треба да предложи измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда во насока на подобрување на текстот“, укажа Чадиковски.

Авторот Дејан Георгиевски пак вели дека оваа анализа дава конкретни препораки во согласност со европските практики за измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда. Овој закон како и останатите медиумски реформи задолжително треба да се вратат на реформската агенда на Владата.

„Тоа е значајно, затоа што клеветата може да се злоупотреби како средство за притисок врз новинарите или за игнорирање на дебата за прашања што се од исклучителен интерес за јавноста“, истакна Георгиевски.

Документот ќе може бесплатно да се преземе на три јазици од веб страната на ЗНМ а печатени изданија ќе бидат достапни во канцеларијата на Здружението.

Оваа активност е во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија”, финансиран од ЕУ, во рамките на приоритетот на слободата на медиумите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).