Научниците развија тест на крв кој рано открива осум типови рак

Научниците велат дека ново револуционерно тестирање на крвта може да регистрира осум чести типови на рак, пред тие да почнат да се шират, со што би се спасиле безброј човечки животи.

Според нив, методот наречен „CancerSEEK“, развиен во САД, е пресвртница во борбата против ракот и претставува чекор поблиску до една од најголемите медицински цели – универзално тестирање на крвта за откривање рак. Научниците се надеваат дека тестирањето може да биде широко достапно за неколку години.

Тестот функционира преку регистрирање на мутираната ДНК која клетките во изумирање ја испуштаат во крвта, како и протеинските биомаркери кои се поврзани со ракот на дојка, белите дробови, црниот дроб, јајникот, хранопроводникот, панкреасот, стомакот и дебелото црево.

Тестот успешно ги регистрирал туморите просечно во 70% од случаите во истражувањето, направено на повеќе од илјада пациенти со рак во рана фаза. Она што е клучно, е дека тестот ги регистрирал раковите пред тие да почнат да се шират, што на пациентите им дава најдобра шанса за лекување на болеста.

„За прв пат имаме потенцијален тест на крвта кој врши скрининг за повеќе типови опасни ракови, за кои досега моравме да чекаме многу доцна да се развијат симтоми за да ги дијагностицираме“, изјавил за АБЦ професорот Питер Гибс од Институтот „Валтер и Елиза“ во Мелбурн, кој работел на тестот.

Тестирањето се покажало ефикасно во детектирањето ракови, како што е ракот на панкреасот, кој често има многу малку симптоми пред болеста да се прошири во напредна фаза, што најчесто значи смрт за паиентот.

Според Гибс, луѓето повеќе би сакале да направат обично тестирање на крвта, наместо да се подложат на непријатните и инвазивните процедури за скрининг како што е колоноскопијата.

Тестирањето, развиено од научници на американскиот Универзитет Џон Хопкинс сега се тестира на дополнителни 10.000 луѓе.

„Најголемото прашање ќе биде цената. Во моментов се сомневам дека сумата би била околу 1.000 долари, или нешто слично… но, како со многу други технологии, работите значајно поефтинуваат по некое време… се надеваме дека таа сума може да стигне до неколку стотици долари“, рекол Гибс.

Тестирањето е објавено во научното списание „Science“.