НаТочак: Задолжителни паркинзи за велосипеди

Инивијативата НаТочак излезе со ново барање од велосипедската кампања пред новите парламентарни избори за задолжително обезбедување велосипедски паркинзи за станбени, комерцијални и јавни објекти.

Од иницијативата бараат обезбедување безбедното паркирање на кратко време на соодветни држачи и  безбедното складирање на подолго време во соодветни простории за велосипедите.

Н„едостатокот на безбеден и лесно достапен паркинг ги демотивира луѓето да го користат велосипедот како редовно транспортно средство. Луѓето кои сепак го користат, ги користат ходниците од зградите, оградите од скалите или па минуваат низ становите (можеби со нечист точак) за да го закачат на ѕид или изнесат на тераса. Дури и да имаат ходници/доволно место во станот, некогаш мора да го креваат во раце (ако нема лифт во зградата или е многу мал или нема рампа на влезот). Тоа можат да го прават само луѓето на одредена возраст, со одредена физичка подготвеност што бара напор и посветеност да го прават на секојдневна основа“, укажуваат од иницијативата.

Начинот на паркирање и складирање на велосипедот додаваат дека треба да овозможи леснотија и комоција на користење, да биде на приземје или во подрум, достапно со пристапна рампа или соодветен лифт, или пак во дворот.

Нивните барања се:

-Да се предвидат стандарди (тип и број на паркинг места) за различните типови објекти;
-Владата да ги обврзе сите јавни институции (веќе изградени) да обезбедат паркинг за велосипеди.
-За постоечките објекти со други намени (станбени, комерцијални) треба да се смислат решенија во соработка со локалната самоуправа.
-Да не се пропушти шансата за новите објекти

Инаку, вело-активистите периодов спроведуваат своја велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво. Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.

„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат активистите, здружени од повеќе македонски градови.