„НаТочак“ избира „највело општина“ во Скопје и околината

Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи, во соработка со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје – НаТочак, ја воведува наградата „Највело општина во Скопскиот плански регион“ за 2023 година.

Од Здружението ги повикуваат велосипедџиите и рекреативците да се вклучат во изборот преку пополнување на анкета, дополнувајќи дека и покрај тоа што позитивните страни на користење на велосипед се докажани, развојот на велосипедскиот сообраќај во Скопје и околината се одвива премногу бавно.

„Преку нашата онлајн анкета, граѓаните може да ги споделат своите искуства и ставови за тоа колку се (не)задоволни од велосипедската инфраструктура и бенефициите за велосипедистите кои се нудат и со тоа да дадат поверодостојна, релевантна и сеопфатна слика за состојбата на терен“, велат од „НаТочак“.

Оттаму дополнуваат дека во изборот за „највело општина“, предвид ќе се земат и одговорите на самите општини од Скопскиот плански регион за инвестициите и активностите што ги презеле на ова поле, како и барања за информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи поврзани со безбедноста во општините.

„’Највело општина во Скопскиот плански регион’ за 2023 ќе биде општината која ќе докаже дека најмногу се грижи за развојот на урбаниот велосипедизам во своите рамки преку четири категории – инфраструктура, политики, буџет и јавна свест“, истакнуваат организаторите.

Тие посочуваат дека преку наградата сакаат да бидат поттик за локалните власти да се стремат кон создавање подобри услови за граѓаните на велосипед.