Холивудскиот актер Леонардо ди Каприо неодамна се посвети на подигање на јавната свест за негативното влијание од климатските промени, а неговиот документарен филм посветен на оваа тема, „Before the Flood“, наскоро ќе се прикажува на National Geographic.
Еко филмот треба да ја има својата премиера на 30 октомври и ќе биде бесплатен во повеќе од 170 држави и 45 јазици. „Before the Flood“, исто така, ќе се појави на Јутјуб, Фејсбук, Твитер, Амазон, АјТјунс и Гугл плеј, а ќе биде достапен до 6 ноември.
Од National Geographic велат дека бесплатно го дистрибуираат филмот како дел од својата цел да го рашират зборот за опасностите од климатските промени. Ова е првпат како познат телевизиски канал за природа направил една од своите продукции целосно бесплатна.
„ Фишер (Стивенс) и јас се договоривме да направиме филм со кој ќе ги едуцураме луѓето за итните прашања за климатските промени и да ги инспирираме да бидат дел од решението. Ги поздравувам National Geographic за нивната посветеност да го доближат овој филм до што повеќе луѓе во таков критичен момент“, рече Леонардо ди Каприо.
Неодамна Нетфликс бесплатно ги објави авторските серии Making a Murderer на Јутјуб, а истото го прават и Амазон и НВО со своите оригинални продукции.