Наставници треба да држат двојно повеќе часови од дозволеното, синдикатите алармираат дека се кршат законите

Наставници што предаваат на деца од прво до трето одделение, се жалат дека оваа учебна година од нив се бара да држат и двојно повеќе наставни часови од она што е предвидено со закон. Проблемот, велат за Радио МОФ, настанал во повеќе скопски училишта каде има голем број пријавени деца за настава во училница, а протоколите дозволуваат најмногу 15-20 ученици истовремено да следат настава. Затоа, овие одделенија потоа се делат во две групи, па наставникот место еднаш, истиот час од први октомври ќе треба да го држи двапати, па дури и трипати, ако се земе во предвид дека дел од децата во едно одделение може да одберат и онлајн настава.

„Наместо 24 наставни часа неделно, сега од мене бараат да држам 48. Но, не се само часовите, каде се подготовките, административите работи, дневникот, спремањето материјали за учениците кои следат настава онлајн… Држењето час не е едноставно, посебно кога работите со најмладите. Моја колешка на пример имаше 25, сега треба да држи 50 наставни часа“, вели наставничка која предава на најмладите основци во едно од чаирските основни училиште.

Томислав Гиевски, претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, укажува дека фондот на часови на наставниците изнесува од 20 до 23 наставни часови на неделна основа, и е јасно и недвосмислено наведен во Законот за наставници и стручни соработници.

„Секој акт на работодавачот (усно или писмено укажување) со кој наложува просветниот работник да извршува двапати од законски предвидениот неделен фонд на часови е незаконски и за истиот се сноси правна одговорност. Ги охрабрувам колегите да се придружат во НСОН и да ги пријават сите проблеми со кои се соочуваат со цел истите заедно да ги надминеме. Наставниците повеќе не се сами, сега има кој да им помогне, да им подаде рака за секој проблем со кои се соочуваат. Пандемијата не може и не смее да биде причина за да не се почитуваат законите како и правата на просветните работници. Независниот синдикат за образование и наука ќе ги искористи сите механизми на располагање доколку детектира незаконско работење на работодавачот а со истото се нарушуваат правата на членовите на синдикатот, на тој начин функциониравме до сега, така и ќе продолжиме во иднина“, вели Гиевски.

Тој додава дека нивни членови досега немаат пријавено до синдикатот дека од нив било побарано од страна на работодавачот двојно да ги извршуваат своите работни задачи, но тврди и дека во училиштата каде што НСОН има синдикални подружници, работодавачите се претпазливи и должни да ги почитуваат правата на работниците.

Од СОНК, Самостојниот синдикат за образвание, наука и култура го потврдуваат постоењето на овој проблем кој настана поради новите протоколи за држење настава во училница, а со цел спречување на ширењето на Ковид 19. Оттаму за Радио МОФ велат дека се информирани за овој проблем, имаат добиено и конкретни претставки, а во моментов заедно со засегнатите институции работат на надминување на проблемот. Уверуваат дека за кратко време ќе се дојде до решение.

Со новите протоколи за организирање настава со физичко присуство, се ограничи бројот на ученици во училница, но се намали и наставниот час, за 10 минути.

„Во основните училишта во учебната 2020/2021 година воспитно-образовниот процес се реализира согласно Календарот за организација и работа на училиштата, според скратена наставна програма согласно Наставниот план за учебната 2020/2021 година, во група до 20 ученици (во училница со стандардна големина) и физичка дистанца меѓу учениците од најмалку 1.5 метри, како и со задолжително почитување на Протоколот за настава со физичко присуство“, стои во протоколот за настава во пандемија.

Наставата во основното образование може да се реализира со физичко присуство на учениците во училиште или со учење на далечина. Наставниот час ќе трае 30 минути во наставата со физичко присуство или 30 минути час со 5 минути приклучување за наставата со учење на далечина.

Ј.Ј.