Најдобриот од најдобрите – Избрани пет книги од кои јавноста ќе бира „Златна Букерова награда“

Пет романи влегоа во конкуренцијата за „Златната Букерова награда“, најдобриот роман кој освоил Букерова награда, која ќе биде доделена во јули со одлука на читателите кои ќе можат да гласаат за својот фаворит.

Според изборот на жирито, петте најдобри романи кои освоиле „Букер“ се „Волчја аула“ (Wolf Hall) од Хилари Мантел, „Месечев тигар“ (Moon Tiger) од Пенелопе Ливли, „Англискиот пациент“ (English Patient) од Мајкл Ондачи, „Линколн во бардо“ (Lincoln in the Bardo) од Џорџ Сондерс и „Во слободна држава“ (In a Free State) од Видијадар Сураџпрасад Најпол.

Меѓу потесниот избор го нема романот на Салман Ружди „Деца на полноќта“, „Слепиот убиец“ на Маргарет Етвуд, ниту „Шиндлеровата барка“ на Томас Кенили.

Со оваа награда симболично ќе се прослави 50-годишнината од постоењето на Букеровата награда, која се смета за најреномирана во областа на книжевноста. Меѓу петте книги има по една од секоја деценија во претходниот половина век.

„Златниот Букер, се разбира, е неофицијален настан но е изненадувачки важен. Тоа е круна на 50-годишната дебата околу природата на таканаречената книженва фикција. Наградата дава чуден вид на литерарна критика, но можам да кажам дека скоро сите романи кои жири-комисијата мораше да ги прочита, препрочита и анализира го издржаа тестот на времето“, вели Роберт Мек Крум, писател и поранешен уредник за книжевност на Обсервер.

„Доколку нашиот список од пет книги се стават во временска капсула за повторна проверка во 2118 година, ќе обезбедат изненадувачки релевантен пресек на романите на англиски јазик помеѓу 1970-2010 година“, додава Мек Крум.

Петте романи ќе бидат ставени на едномесечно јавно гласање на интернет-страницата на Мен Букер наградата, а победникот ќе биде прогласен на 8-ми јули.