Награди за најуспешните скопски средношколци на регионалните натпревари

Педесетина скопски средношколци кои завршија како највисоко рангирани на натреварите по математика, филозофија, англиски јазик, хемија, латински јазик и други категории, беа наградени со благодарници и парични награди од Град Скопје.

Признанија беа доделени и на професорите и професорките кои биле ментори на учениците и работеле со нив. Дел од добитниците, за Радио МОФ ги споделија своите искуства и планови за во иднина:

Дамјан Кировски

Дамјан Кировски од средното училиште Јахја Кемал објаснува: „добив награда на натпреварот по германски јазик, прва награда на регионалниот натпревар со 100 поени. Сега завршувам втора година, имам уште време, ќе размислам, но сакам да студирам медицина, а јазикот може да ми помогне во иднина бидејќи сакам да се запишам на универзитет во Германија.“

Бендот од „Васил Антевски Дрен“

„Ние освоивме награда како бенд од Васил Антевски Дрен и учествуваме на натпреварот „Смотри Водно“ и сме задоволни што бевме дел од таков натпревар бидејќи беше едно искуство и предизвик за нас.“, истакнаа  Јана, Андреј, Ребека, Марјан, Марија и Стефан, членови на бендот, „бевме предводени од професорот Кристијан Стојановски на кој што сме му многу благодарни бидејќи ни приушти да учествуваме на ваков настан и се надевам дека ќе имаме прилика да бидеме дел од вакви награди и слично.“, додаваат тие.

Наташа Драшковиќ, матурантка од „Корчагин“ која освои трета награда на реубличкиот натпревар по филозофија со менторот Даниела Николова, објаснува: „сега е можеби највозбудливиот период од мојот животот и се уште не знам точно што и каде би студирала но дефинитивно знаењата по филзофија како мајка на сите науки ќе помогне во одлуката.“

Дамјан Филиповски

„Се натпреварував на натпревар во географија каде освоив трето место. Сега сум прва година, но моментално немам подалечни планови“, вели Дамјан Филиповски од Американската гимназија.

Ивана Коцева од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ која освои прво место на градскиот  натпревар по математика за себе вели: „се уште не знам за конкретни понатамошни планови, но сигурно знам дека ќе учествувам на уште натпревари и ќе се потрудам за уште поголеми успеси.“

„Во последната година и пол работиме на тоа што повеќе да ги поттикнеме учениците од средните училишта во Град Скопје да продолжат со ваквите успеси и да ги наградиме за нив.“, изјави градоначалникот Шилегов на церемонијата на доделување на наградите.

М.К и Г.Б.