Над 7 000 учесници денеска трчаат на Скопскиот маратон

Над 7 000 учесници од 46 држави ќе се натпреваруваат на годинешниот „Виз Ер Скопски маратон“,  кој се одржува денеска низ улиците на главниот град, со стартна позиција од порта „Македонија“.

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската унија. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17 100 евра. И годинава за манифестацијата Град Скопје од својот буџет издвои 1 200 000 денари.

Во рамките на маратонот се одржа и кампања за „Родова еднаквост“, организирана од УНПД. Десет лица облечени во портокалово, бојата за родова еднаквост, ја истрчаа кратката маратонска трка.

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ ја продолжува традицијата на учество на Скопски маратон. Годинава заедно со нив ќе учествува и здружението „Момент плус за пулмонална хипертензија“.

Се трчаат четири трки-маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5 000 метри, а ќе има и конкурси за избор на најдобар транспарент и за најдобра фотографија.

Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа.

Минатата година, маратонот беше откажан  од безбедносни причини, поради настаните во Куманово. Тој беше одложен и се одржа на 20 септември, но не беше со натпреварувачки карактер.