Над 1,5 тон топла зимска облека собрана со акцијата „Сите стоплени во зима“

Над 1,5 тон топла облека за граѓаните кои најмногу имаат потреба од неа, собраа македонските дизајнери и јавните личности по синоќешната ревија во Младинскиот културен центар. Со ова се заокружи акцијата „Сите стоплени во зима“.

Ревијата беше организирана во рамки на иницијативата „Мрдни со прст“, а во неа беа претставени креации на македонски модни дизајнери, кои доброволно се вклучија во акцијата и изработија креации со користена зимска облека, на која ѝ дадоа нов лик.

Станува збор за дизајнерите Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева-Чупевска, Силвија Михајловска („Алшар“), Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M. Ставрова („Ем елефантски“), Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска („Капка“).

Нивните креации ги претставија 24 јавни личности, кои исто така доброволно се вклучија во акцијата за да се собере што повеќе топла зимска облека.

Акцијата „Сите стоплени во зима“ започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност“ и СОС Детско село ќе им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна.

Во поддршка на акцијата Младинскиот културен центар го отстапи просторот за ревијата, диџеј Гоце Саф се погрижи за атмосферата, „Кариера плус“ за шминката, а облека се собираше и во кафулињата „Љубов“, „Радио бар“, „Мартини“, „Лед цепелин“, „Нано бар“, „Бајпас“, „Дежа ву“ во „Капитол мол“, „Лонг плеј“, „Винил“, како и во компаниите „Оне.Вип“, „Телеком“, Халк банка и НЛБ банка.

Во продолжение, погледнете ја атмосферата од синоќешната ревија во МКЦ.