МЖСПП: Од десетте нефункционални мерни станици за загадување, пет се во функција, а пет треба да се набават

Мерните инструменти за PM10 и PM2.5 од мерните станици Куманово, Битола 2, Тетово, како и мобилната станица во Општина Ѓорче Петров од пред три дена се ставени во функција, соопшти Министерството за животна средина.

Оттаму информираат дека и мерната станица во скопската Општина Гази Баба добила нов ПМ10 инструмент и е во функција од почетокот на септември.

„Ве информираме дека за 5-те мерни станици кои моментално не покажуваат податоци од мерења на PM10 честички, веќе е отворен јавен повик за набавка на мерни инструменти, односно во тек е евалуацијата на пристигнатите понуди. До првата половина на декември оваа година, се очекува процедурата за набавка на мерните инструменти да биде завршена, со што Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух ке биде комплетирана во однос на прикажување на податоците за суспендирани честички со големина до 10 микрометри“, стои во соопштението на Министерството.

Минатата година, О2 Иницијативата алармираше дека од вкупно 18 станици во цела држава, кај 10 не работат еден, или повеќе инструменти. Повеќе од пола мерни станици во државта имаа по барем еден инструмент кој не функционира и не дава податоци.