МВР: Приведени 17 затворски полицајци од КПУ Идризово

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против 17 лица, сите припадници на затворската полиција, вработени во Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“. Како што велат оттаму, кривичната пријава е поднесена по повеќемесечна криминалистичка истрага.

Истовремено, сите 17 лица денеска беа лишени од слобода и предадени на Основниот кривичен суд Скопје за понатамошно постапување.

Од МВР објаснуваат дека за пет лица постои основано сомнение дека како група, со умисла, во текот на октомври минатата година сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело.

Дополнително, оттаму соопштија дека за 11 лица постојат основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 до 26 октомври минатата година, сториле продолжено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по чл.373 во врска со чл.22 од КЗ.

„Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, соопштија од МВР.

За овие кривични дела согласно позитивното законодавство, како што велат од ресорното министерство, предвидени се затворски казни од една до десет години за кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372 и од три месеци до пет години за кривичното дело „противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“ по чл.373 од КЗ.