Општина Центар и ги отстапи службените моторни возила на полицијата

Советот на Општина Центар, на денешната вонредна седница донесе одлука да ги даде на времено користење службените моторни возила на Полициската станица „Центар“. Како што појаснуваат од општината, ова се прави поради „зголемениот број теренски активности кои ги имаат полициските службеници за време на полицискиот час во време на пандемија од Ковид-19“.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија – Биро за јавна безбедност, Секторот за внатрешни работи „Центар – Бит пазар“ укажаа дека за потребите на Полициска станица од општа надлежност „Центар“, потребно е времено користење на службени патнички моторни возила во сопственост на Општина Центар, се наведува во соопштението од општината.

Оттаму додаваат и дека општината од почетокот на здравствената криза спровела повеќе активности за поддршка на полициските станици кои се наоѓаат на територијата на Центар. Така во текот на изминатата година биле обезбедени нови велосипеди и велосипедска опрема за припадниците на полицијата, како и обезбедување на дезинфекциони средства, заштитни маски и отстапување на општиснки службени возила за успешно и ефикасно организирање на работата во услови на пандемија.