Полицијата во Чешка претвори моќно Ферари, кое го заплениле од криминалци, во патролно возило кое ќе може да гони возила со брзина од преку 320 км/ч.
Ферарито 458 од 2011 година, претходно било обоено во црвена боја, но полициските власти сега го префарбале во препознатливата жолто-сина боја и поставиле светлечка сигнализација на кровот. Возилото сега ќе се користи за бркање украдени возила и за справување со нелегалните улични трки, стои во соопштението на полицијата. Според нив автомобилот ќе го користи специјален оддел во службата, а ќе го возат единствено обучени полицајци за тоа.
Слични модели на ова возило можат да чинат и повеќе од 175.000 евра, а од чешката полиција подвлекуваат дека супер-автомобилот не бил луксузна набавка – туку бил модифициран за околу 11.000 евра.
Шефот на чешката сообраќајна полиција, Јири Жли, објаснува дека ова не е прв пат полицијата да користи спортски автомобили. Во Италија, полициските служби имаат договор со Ламборџини и ги користат нивните автомобили за да транспортираат итни примероци на крв на местата на несреќа. Во Дубаи, пак, полицијата има цел возен парк „супер автомобили“.
Од чешката полиција велат дека ова Ферари не било највредната заплена која ја имале досега. Минатата година заплениле 900 автомобили, од кои најголем дел биле препродадени, а средствата биле искористени за да се покрие штетата предизвикана од криминалците.
„Некои од возилата ги чуваме за службени работи. Сепак, тие не се луксузни возила како Ферари“, посочуваат од полицијата.