МВР поднесе кривична пријава против директорката на ОУ „Страшо Пинџур“ од Кавадарци за злоупотреба на службена положба

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против директорката на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. МВР ја сомничи 62-годишната В.Ј. дека набавената стока од училиштето ја присвојувала за свои лични потреби.

Во периодот од 2015 до 2017  година, директорката на училиштето извршила набавка на разна стока од шест правни субјекти од Кавадарци во вкупна вредност од 452.922 денари, без да ги почитува одредбите од Законот за Јавни набавки и да распише постапка за јавни набавки.

Кривична пријава е поднесена и до управителот на фирмата „ЕКСТРА 03“ ДООЕЛ Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Според МВР, директорката и исплатила на оваа фирма доспеани фактури за превоз на ученици, врз основа на добиена јавна набавка, кој превоз иако се вршел само два дена во неделата,  фактурите се прифаќале како да се превезувале ученици секој работен ден.

Со ваквите дејствија оштетен е Буџетот на локалната самоуправа Кавадарци во вредност од 957.880 денари, информираат од МВР.