„Музички собир во одбрана на МКЦ“ во недела на платото пред Младинскиот културен центар

Во недела на пладне пред платото на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи „музички собир во одбрана на МКЦ“, во организација на колективот „Гола планина“. Според најавата за настанот на Фејсбук, собирот е за, како што се вели, „сите ентузијасти и љубители на независната култура, заедно да го изјавиме нашето незадоволство“.

Најавата за настанот доаѓа откако програмскиот колегиум на МКЦ пред неколку дена обвини дека центарот е „повторно на мета на партиски мегдан“, откако досегашниот в.д. директор на МКЦ Ванчо Богоев беше сменет од својата позиција, поради, како што посочија „неподлегнување на екстремните притисоци од генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“. Дополнително, тие посочија дека МКЦ има нов директор, кој бил примен пред неколку дена.

Во најавата за настанот во недела се вели дека „ова не е само уште една свирка“. На собирот е најавен настап на „S.A.M“, „Cut Your Nipple“, „Lufthansa“, „Shock Troopers“, „Хајка“, „Dope Kukjata“, „Yöu“, „Новиот Почеток“, Дина Јашари и други.

„Запрашајте се: дали сте биле во последниве 50 години на свирка, изложба, театарска претстава, поетско читање, промоција на книга, проекција на филм, или на било каков настан во МКЦ? Дали сте си поминале убаво? Ако да, знаете за што се бориме“, се вели во Фејсбук настанот.

Дополнително, тие истакнуваат дека борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции, како што велат, да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку, велат, ќе згасне младата уметничка експресија.

„Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината. Се бориме за сите спомени, остварени и сѐ уште неостварени, за минатото и за иднината“, порачуваат организаторите.

„Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92%! Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките“, додаваат организаторите на настанот.

[Став] Не го чепкајте МКЦ