Моржот Фреја доби статуа во Осло, откако единката беше усмртена од градските власти

Властите во Осло и официјално ја открија статуата на моржот Фреја, која се сметаше за популарна градска атракција, но беше усмртена поради стравови за нарушување на јавната безбедност, пренесува „БиБиСи“.

Статуата ја претставува Фреја како лежи покрај брегот.

„Вака луѓето ја третираат дивината, но истовремено ова е како луѓето ги третираат луѓето. Вака ние ја третиравме Фреја, па ја нареков статуата ‘За нашите гревови’“, изјавил скулпторот и автор на споменикот, Астри Тоноијан.

Статуата била изработена со средства претходно собрани преку онлајн кампања, а чинела 25.000 американски долари.

„Ја започнав онлајн кампањата за статуа на Фреја бидејќи бев бесен и избезумен од начинот на кој Норвешкиот сектор за морски животни се справи со ситуацијата“, изјавил Ерик Холм, лицето кое ја започнало кампањата за собирање на средства за споменикот.

Фреја кој беше единка тешка околу 600 килограми беше усмртена минатиот август од норвешките власти, што наиде на критики од страна на локалното население.

Фреја стана популарна поради обичајот да се качува на бродчињата околу норвешкото крајбрежје, понекогаш потопувајќи ги.

Локалните власти будно ја следеа Фреја, откако изјавија дека луѓето не ги почитуваат наредбите да не му се приближуваат на животното, ставајќи се себеси во ризични ситуации.

Директорот на Норвешкиот сектор за морски животни, Френк Баке – Џенсен, изјавил дека одлуката за усмртувањето на животното се реализирала откако „се заклучило дека тоа претставува постојан ризик за јавната безбедност“.

„Од проверките ни стана јасно дека локалците ги игнорираат забраните за приближување до животното, па секторот одлучи дека животното е потенцијален ризик“, дополнил тој.

Иако нападите врз луѓето од страна на моржовите, кои се заштитен вид, се многу ретки, сепак се случуваат изолирани инциденти. Фреја, одреден момент била изолирана во обезбеден дел од крајбрежјето откако нападнала една минувачка.