ДЛУМ ја најави изложбата „Современа скулптура“ 2023

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) го најави отворањето на изложбата „Современа скулптура“,  кое ќе се случи на 23 март, четврток, во Уметничкиот Центар „АРТ ХАБ“, со почеток во 20 часот.

Оттаму истакнуваат дека изложбата е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура.

На изложбата ќе бидат претставени 22 дела од 19 уметници, кои, како што велат организаторите, истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата.

На изложбата ќе бидат изложени дела од Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева, Никола Смилков.

Од ДЛУМ посочуваат дека во чест на наградата „Боро Митриќески”, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски.

„Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, која што ќе биде соопштена на отварањето на изложбата. Изложбата ќе ја отвори Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска“, додаваат оттаму.

Изложбата „Современа скулптура“ ќе биде отворена до 1 април, сабота, а посетителите ќе можат да погледнат дела низ кои се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.