МОН објави Конкурс за финансирање на објавени научно-истражувачки трудови за 2019

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за доделување еднократна награда на наставниците и соработниците избрани на високообразовните/научните установи во Република Северна Македонија кои претходната година објавиле научен труд во списанија со фактор на влијание.

Финансиската награда е во висина на една просечна нето плата исплатена во последниот месец во Република Северна Македонија, а според Конкурсот, трудовите мора да бидат објавени во списанија реферирани во базите „Web of Science“ на „Clarivate Analytics“ (предходно на „Thomson Reuters“) или „CiteScore“ на „Scopus“ од „Elsevier“.

„Секоја година се финансираат најмалку 50 трудови од секое од шесте научно-истражувачки полиња според класификацијата FRASCATI. Доколку за одредено научно-истражувачко поле не се рангираат за финансирање 50 трудови, останатите средства можат да бидат распределени за финансирање на дополнителен број трудови од друго научно-истражувачко поле, за што на предлог на комисијата, одлучува министерот“, стои во Конкурсот.

Јавниот конкурс трае до 15 септември 2020 година, a сите информации и начинот на пријавување може да ги најдете на следниов ЛИНК.