МНР: Успешно репатрирани 102 студенти од Турција

Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека 102 студенти од Северна Македонија кои студираат на универзитетите во Турција се успешно репатрирани во земјава.

„Упатуваме благодарност до турскиот Директорат за дијаспора којшто во соработка со нашите претставници во Турција помогнаа за координацијата околу превозот на студентите од Истанбул, Анкара, Бурса, Коња, Сакарја, Кајсери, Измит, Едрене, Чанаккале и Текирдаг до турско-бугарската граница. Воедно, за организираниот превоз со четири автобуси во понатамошната репатријација, како што беше и случај со евакуираните наши работници од Нигерија преку Турција, посебна заложба имаше Владата на Северна Македонија, а во случајот со студентите, и ангажманот на Заменикот министер за труд и социјална политика на нашата Влада“, соопштија од МНР.

Ова е вкупно 7-ми организирано спроведен хуманитарен конвој, трет од Турција, по започнувањето на процесот на репатријација на македонските државјани кои беа затекнати во странство поради пандемијата на коронавирусот.

Со ова, вкупната бројка на репатрирани македонски граѓани со посредство на Министерството за надворешни работи до денес изнесува 3.870.