Младите и синдикатите – (не)раскинлива врска зависна од секојдневието

Не е тајна дека млади работат без или со договор на определено време. Работат подолго од договореното, а земаат помала плата од колегите. Некои фирми им ја покажуваат излезната врата откако ќе чујат дека се малолетни, а млади луѓе трпат и злоупотреби од газдите само да не бидат избркани од работа.

За тоа каде се синдикатите во целава ситуација, младите се со поделени мислења.

Според нашата мини анкета, дел млади сметаат дека треба да се приклучуваат кон синдикално организирање за да ги заштитат своите права. Други велат дека синдикатите се остаток од време кое не е рефлексија на времето во кое живеат, а за проблеми со работните односи попрво би ангажирале адвокат. Трети, пак, преферираат да влезат во здруженија, невладини организации.

Сепак, мнозинството млади се сложни дека е потребна некаква потпора, да ги „потбутне“ некој за да ги реализираат и решат своите барања, права и проблеми. Сето тоа да биде во склоп со трендовите од денешницата, секојдневието.

Ирена Ивановска

Ирена Ивановска од Секцијата на млади при ССМ, вели дека во време кога стапката на младинска невработеност изнесува скоро половина, кога 40% од младите работат во неформална економија и 53% се решени да ја напуштат земјата, потребен ни е некаков заеднички пристап. Односно, соработка и дијалог со сите страни, институционализирани пристапи и механизми за да се надминат овие проблеми.

Според неа, изолирани и импровизирани решенија може да доведат само до маскирање и пролонгирање на постоечките проблеми.

„Очигледно е дека имаме проблем во делот на усогласување на образовниот систем со потребите на пазарот на трудот. Потребни ни се квалификувани работници кои нема да работат за минимална плата од 12.000 денари, потребен ни е систем за преквалификација и доквалификација. Се соочуваме со дефицит на стручни кадри бидејќи никој од младите луѓе не е заинтересиран да продолжи со таков вид на образование, бидејќи, што понатаму?“, вели таа.

Ивановска нагласува дека Секцијата за млади преку различни активности, обуки и програми пробува да ги ангажира младите да ја сфатат неопходноста на целото синдикално организирање.

Нужна е рана едукација за работничките права, кои, вели таа, не се учат откако ќе се влезе на пазарот на трудот.

„Обуката и едукацијата за правата од работен однос треба да започне уште во средните училишта, па да продолжи и на факултетите. Бидејќи, само едуциран работник е продуктивен работник и со него не може да се манипулира. Надминувањето на проблемите со кои се соочуваат младите работници во работните средини, полесно, побрзо и поквалитетно можат да се решат ако тие се приклучат на синдикалното семејство“, смета Ивановска.

Милан Живковиќ

Милан Живковиќ од Фондацијата Фридрих Еберт потенцира дека голем број млади ги перцепираат синдикатите како некое здружување, организации на нивните родители, или баби и дедовци. Дури ги гледаат и како институција под државна капа, што според него е погрешна слика, бидејќи, вели тој, не постои државен синдикат, туку синдикати што овозможуваат правна заштита на работниците во приватниот или јавниот сектор.

Живковиќ се осврнува на неколку истражувања за влијанието на синдикатите и нивната вредност. Односно, нивното вреднување кај испитаниците не е повисоко од 15%.

„15 до 18 проценти, зависно од кои параметри. Ако го земеме тој факт, не е ни чудно што кај младите преовладува еден негативен став кон самите синдикати. Тука останува да се размисли зошто младите во синдикатите не се активни? Па, ако не се членови во самите синдикати, како може да бидат активни!? Исто така, самите синдикати треба да ги поминат сите овие работи, самокритички, и да увидат кои грешки треба да ги исправат од минатото“, забележува тој.

Истовремено, перцепцијата не е секогаш сликата на она што навистина се случува кај синдикатите. Според Живковиќ, би било многу лошо доколку ги ставиме сите синдикати, грански синдикати, сојузи, конфередации – на исто место, па да кажеме дека „сите се лоши“.

„Не, тоа не е точно! Имаме синдикати кои навистина добро постапуваат, работат, се заложуваат, па апсолутно би било неправедно доколку ги ставиме сите во еден ист куп“, нагласува тој.

Живковиќ се осврнува и кон младите, како движечка сила на општеството. Ако гледаме дека од 2015 година издејствуваа промени преку студентските и средношколски протести, преку пленуми, окупацијата на факултетите или преговорите со институциите, тогаш, нагласува Живковиќ, неточно е она тврдење дека младите вработени треба да го остават ова за решавање на некој друг.

„Самите треба да го преземат овој простор. Овој вакуум простор, да се организираат заедно со сегашните органи и тела на синдикатите и да ги направат реформите што се очекуваат од вакви организации. Секако дека тука не може да се остане без организациите од граѓанскиот сектор. Граѓанското општество, за разлика од остатокот од државите од Западен Балкан, може да кажеме дека кај нас е на многу високо ниво на организираност. Треба да се повлече експертизата од таму, можноста за мобилизација, едукација, можноста за подигнување на свеста, па заедно, сите фактори, да се вклучат и да почнат заеднички да работат на менување на овие институции, овие организации коишто се и те како важни за нашето општество“, подвлекува Живковиќ.

Мира Беќар

За Мира Беќар, доцент доктор од Филолошкиот факултет и член на Независниот академски синдикат (НАкС), логично е ако помлад почнеш со нешто, повеќе ќе знаеш како да се бориш кога ќе созрее вистинското време за тоа. Стекнувањето искуство важи за било која работа.

За тоа дали требаат синдикатите, потсетува дека младите се искористувани од работодавци.

„Е сега, тоа не е така во секоја фела. Верувам дека сега програмериве немаат потреба да се организираат во синдикати, меѓутоа луѓе од општествени науки, или луѓе што немаат високо образование и те како имаат потреба и се злоупотребени на некој начин од работодавците. Зависи од дисциплината, зависи од степенот на образование и мислам дека треба да се организираат“, вели Беќар.

Околу прашањето што треба да понудат синдикатите за да им се доближат на младите, нагласува дека како член од НАкС веќе поканила студенти да волонтираат, да помагаат со правење беџови, делење флаери, да видат и слушнат какви говори се држат, кој тип на луѓе се вклучени во синдикат, за кои проблеми ќе се борат и сл.

„И нас ни треба помош од младите, и мене ми требаат идеи за нови начини за делување. Затоа што, модернизацијата доаѓа од потребите на моите студенти. Јас си знам еден начин на функцонирање, кој низ годините се покажал успешен и позитивен. Највеќе би сакала да почнат да доаѓаат, да речеме, кога има протестни маршеви за 1 мај, да ги следат реакциите во медиумите на синдикатите и да видат што не чини, па давајќи ни сугестии за нашите активности, начин на делување, всушност да мислат нови начини на делување. Знаете, не е само користењето на технологијата, или користење на социјални мрежи. Тоа е присутно, дали ти ќе направиш меме, или ќе направиш флаер. Туку, дали излегувањето на улица ќе биде на тој начин на кој досега е водено. Дали треба на тој начин да се делува врз медиумите. Како да покажеш дека твојата приказна е најважна приказна“, потенцира Беќар.

Според неа, младите имаат повеќе начини да се афирмираат. Единствен проблем е што сакаат брз успех, а со синдикалното организирање, вели таа, ако прочитаат низ историјата – нема брз успех.

Синдикалното организирање порано фунционирало добро поради самото уредување, бидејќи живееле во Југославија. А сега, нагласува Беќар, капитализмот си гази, па затоа младите треба и малку идеолошки да се потковаат.

На крајот на краиштата, преку протестите и пленумите веќе се отвори иницијална каписла за некакво организирање, затоа треба да се најде формата која е најуспешна и најсоодветна според општествените потреби.


Бојан Шашевски

*Аудио верзија од темата првично е објавена во емисијата „Мегафон“