МКЦ: Концерт на SVIN од Данска и Fighting Windmills од Македонија

Вечерва, 6 март, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе настапат данскиот бенд Svin и македонскиот Fighting Windmills. На настанот, чиј почеток е најавен во 21 часот, ќе биде промовирана и Енциклопедијата на домашни дуо бендови, напишана од страна на Драган Вуковиќ, во која се застапени 115 домашни бендови од сите републики и покраини од бивша Југославија, од 1982 година до денес. Авторот во ова прво издание на едицијата под името „Да не се заборави“ е сконцентриран на андерграунд сцената во бившата држава, а во енциклопедијата се застапени и македонските бендови K.N.N.T., Demek, Siz, TI.

SVIN станаа сериозни уште од нивниот деби албум “Heimat” од 2011 како и со нивниот втор албум “Secretly We are Gay” од 2014. Со бројни европски турнеи и настапи на престижни фестивали, SVIN создадоа име од себе на интернационалната сцена на експериментална музика, но истовремено собраа врвни рецензии во бројни домашни и странски медиуми. Нивниот нов албум наречен според името на бендот, е издаден во април 2015 година, за PonyRec. Со масивен звук на тапани, ориентални гитари и мелодични хорни, SVIN испраќа каскади на психоделични дронови во атмосферата. Албумот содржи едноставни, поетични мелодии вметнати во наизменични примитивни сонични текстури.

Fighting Windmills на овој концерт после долго време ќе се вратат на трио форматот во ритам секцијата. Премиерно ќе отсвират неколку нови композиции, кои дополнително ги истражуваат допирните точки помеѓу пост-рок изразот и експерименталниот џез, додека пак постариот репертоар ќе доживее нови, значително посирови аранжмани.